НОВАТА ЕРА НА ЗЛАТНИТЕ ГЛОБУСИ

Златните Глобуси се најголемата манифестација за доделување на награди, која ги слави најголемите достигнувања од светот на филмот и телевизијата. Годинешните, 81-ви по ред Златни Глобуси ќе се доделат вечерва во Лос Анџелес во „Beverly Hilton International Ballroom“. Како и секоја претходна година, така и оваа, на црвениот ќилим се очекува да продефилираат најголемите и најдобрите актери и актерки, режисери, сценаристи, додавајќи дополнителна тежина на манифестацијата со која започнува сезоната на филмските награди. 


Актерот и стенд-ап комичар Џо Кој ќе биде домаќин на шоуто, а меѓу дел од презентерите се Аманда Сејфрид, Анџела Басет, Габриел Махт, Џулија Гарнер, Опра Винфри, Мишел Јео, Америка Ферера, Вил Ферел, Флоренс Пуг, Иса Рае и многу други холивудски ѕвезди.  



Новата инклузивна ера на Златните Глобуси


Церемонијата и оваа година ќе донесе многу гламур и сјај и начелно ќе изгледа исто, но неколкуте новитети всушност треба да ја најават новата ера во Златните Глобуси. Најголемиот всушност беше проширеното и разновидно гласачко тело кое донесе навистина голема промена во однос на номинациите. 



Културен и етнички диверзитет, како и инклузивност меѓу номинираните серии и филмови. Со дури 13 номинации на филмови од неанглиско говорно подрачје, четири од шесте номинирани филмови за најдобар филм се режирани или ко-режирани од Азијци, две жени се номинирани во категорија за најдобар режисер, во секоја категорија на филмска глума се номинирани афро-американски актери. Со еден збор, историски трендови кои манифестацијата со сигурност ќе ги наметне и на останатите доделувања на награди. 



Додадени се две нови категории за најдобар стенд-ап и cinematic & box office excellence каде се номинирани филмовите што заработија најмногу гледачи во кино салите ширум светот. Секако тука неприкосновен е феноменот "Barbenheimer", каде гласачите ќе одлучат кој ќе го добие приматот оценувајќи ја нивната креативност, оригиналност и уметност. Оваа е единствена категорија со осум номинирани филмови. 


"Barbenhimer" со најмногу номинации


Овогодинешното издание на Златните Глобуси веќе доби импресивни критики за листата на номинации. Предводник е “Barbie” со девет номинации и “Oppenheimer” со осум. Следат “Killers of the Flower Moon” и “Poor Things”со седум, па “Past Lives” со пет. 

Меѓу сериите, најмногу. оминации има “Succession” со девет, и “The Bear” и “Only Murders in the Building,” со пет. 



Sвездена гозба на најголемиот настан во ЛА


Надвор од наградите, шоуто ќе има и нов сензибилитет. Конечно гледачите ширум светот ќе може да го проследат во живо на CBS или на стримот на Paramount +. Црвениот ќилим ќе има нов изглед, а за првпат, гостите ќе уживаат во кулинарските специјалитет на Шеф Нобу Мацухиса, од рестораните Нобу и неговиот франшизен Мацухиса од Беверли Хилс. Со повеќе од 1100 очекувани гости, Шефот Мацухиса и неговиот тим од 25 луѓе ќе испорача некои од неговите препознатливи јадења како тартар од лосос, салата од сашими, мисо од црн бакалар, халапењо од жолта опашка. Ова секако ќе биде ноќ на ѕвездена гозба за сите сетила.    



Црвениот ќилим, предвесник на модни трендови


Пред Барбиманијата да ги фати светските инфлуенсери во розеви комбинации, Златните Глобуси го најавија овој тренд уште на минатогодишното доделување преку Џулија Гарнер, Елизабет Дебицки, и самата Барби, Марго Роби во бледо розева тоалета, продолжувајќи ја репутацијата на манифестацијата како репер за поставување на модни трендови. И не само жените, мажите минатата година го поставија розевиот тренд во машка мода, на чело со Били Портер, преку Сет Роген до Скот Еванс кој носеше розеви додатоци. 



Што ќе носат номинираните вечерва на црвениот ќилим кој се распосла уште пред три дена, oстанува да видиме. И секако да фатиме прибелешки за модни трендови кои не очекуваат следните сезони.  



И додека изминуваат последните часови до почетокот на Златните Глобуси, можеме да ставиме облози кој ќе биде победник во секоја засебна категорија, а вечерва со пуканки во рака, удобно сместени пред нашите телевизори, да и се придружиме на глобалната заедница на фанови на Златниот Глобус и заедно да ја споделиме љубовта кон седмата уметност и раскажувањето на најубавите приказни кои се некогаш запишани. 



Look at Vibe to look your best
Love,
E



Comments

Popular Posts