АВАНТУРИТЕ НА МИСС Е ВО АНТАЛИЈА


Дали може да го замислите инстаграм или фејсбук без фотографии од патувања? Лично јас, не. Искрено многу се радувам на купишта фотографии од многу скриени катчиња во различни држави и градови, со совршено филтрирани животни ситуации и локации, кои уредно си ги чувам во фолдери како инспирација за следните патувања. А оваа пролет, профилите на дел од блогерките од соседството кои ги следам, буквално процветаа со фотографии од различни дестинации, како првите пролетни пупки на дрвата. И знаете како велат, внимавај што ќе посакаш, може и да ти се исполни. 

Вака некако почнува мојата приказна, со желба да отпатувам во некој топол крај, на море, со телефонски повик за факултативна прошетка во Анталија со агенцијата Фибула и Туркиш ерлајнс. 


Без двоумење и полна ентузијазам, ја прифатив поканата. Да не должам многу, накратко, до денот на полетување, ме фати патничка грозница, едвај ја чекав агендата и ги проверив сите хотели и локалитети кои требаше да ги посетиме, размислував колку е долг денот, ја замислував солената вода и секако, што ќе понесам со себе. Се пакував до доцна во ноќта пред да тргнеме, а требаше да се состанеме на аеродром во 06 часот наутро. Ок, ок, имав трема, немав патувано со авион три години. Сценариото на напуштање на секојдневните обврски, барем тие 7 дена, посветувајќи раат себеси, звучеше повеќе од совршено. 



И не знам дали сте го гледале Снеч на Гај Ричи, ама полетувањето и пристигнувањето во Анталија, го доживеав буквално како сцената кога леташе Денис Фарина. Дур трепнам, ете го морето и еден од најубавите предели во Турција. Вторпат во Анталија, првпат пред точно 15 години, ме изненади сериозно со својата зрелост и напредок. Не дека не очекував, но навистина ми ги надмина очекувањата. Не пречека нашиот водич Харис, со по една црвена ружа за сите жени во групата, локум и лимонада. Пречек кој само беше увертира за она што следуваше во следните 6 дена.



Турците се најпознати по својата гостопримливост и еднаков третман на сите гости. Тука луксузот е навистина луксуз. Јадењето превкусно, благите "to die for", а сместувањето во хотелите на сериозно завидно ниво. Нам агендата ни беше таква што, секоја вечер спиевме во нов хотел, а секој ден, имавме организирана посета на 4 до 5 хотели. Од ден еден, до ден седум, плочата не престана да се врти: појадок, пречек во хотел со коктели, благи, па следен хотел со пречек, коктели, благи, па уште еден, па ручек, па сместување во следен хотел, вечера и забава со нашата мала група составена од колеги новинари и инфлуенсери. Прошетавме неколку делови од брегот на Анталија, почнувајќи од месноста Белдиби, Кемер, Кунду, Белек, па Сиде и Аланија.



Ама да почнам со ред. Хотелите. Кој од кој поубав и полуксузен. Понудата навистина беше различна и во зависност од тоа што преференци имате, за секого, дури и за најпребирливите има соодветно сместување. Иако воглавно може да ги класифицирате во хотели со помал капацитет, помирни, без многу гужва и огромни хотели, со многу гости и соби.



И малите и големите хотели имаат сериозна забава за посетителите. Јас преферирам плажа и море и да нема многу гужва, но за оние кои сакаат ресорти со потполна забава, хотелите во Анталија се вистинскиот избор. Од базени, и да читаме во множина, до детски паркови, тобогани, зеленило, барови, диско, храна и пиење везден, организирани часови по јога, пилатес, аеробик, спа, сауни и комплетна анимација за стари и млади. Мека за гурмани, ресторани во ресторанот на хотелите, A la Carte ресторани за оние кои не сакаат шведска маса или сакаат малку поинаков третман, и секако најубавите благи јадења кои можете да ги замислите. 

Не би ги раскажувала еден по еден бидејќи ќе ми треба километарски текст, па затоа ќе ги раскажам онака како што ја поминувавме агендата.



Првиот ден отседнавме во Gypsophila Club Marine, хотел кој се наоѓа во месноста Белдиби, околу целиот во борова шума, излегува на море, има сопствена плажа а морето тука е налик Трпејца во Охрид. Не можев а да не ги забележам околните ридови и планини, што веднаш ме асоцираа на хајк. Сместувањето не беше толку луксузно, но сосема коректно, чисти соби и нови кревети. Веројатно најпривлечното нешто беше дворот, целосно покриен со дрва, растенија и зеленило. Интересно е тоа што овој хотел е дом на многу птици, па во утринските часови, нема поубаво будење од нивната песна и морски бранови. Одличен хотел за семејства и млади кои не сакаат многу гужва, а сепак да имаат одлична забава, покрај огромниот бар на двата базени, тематските забави кои ги организираат, спа, фитнес центар, италијански A La Carte ресторан и локална турска кујна. Менаџерскиот тим на хотелот одлично не пречека и изгости во времето кое го поминавме таму, а јас бидејќи станував најрано од целата група (читај во 5 наутро), наредниот ден уживав на платформата пред морската шир со турски чај и гледајќи го изгрејсонцето.




Вториот ден заминавме за Кемер, каде на агендата имавме три хотели: AKKA Antedon, Mirage Park и Trendy Lara. Веќе почнавме да го чувстуваме луксузот на хотелите во Анталија. Трите, кој од кој поубав, со импресивен дизајн на ентериерите, огромни фенси барови. Рестораните составени од помали ресторани, во зависност од тоа што храна преферирате. Во првиот фантастичен скоро целосно кружен базен во дворот, кој продолжува на огромна хотелска песочна плажа. Вториот со сериозно луксузно лоби, можеби малку кич за мојот стил, но сепак, импресивен. Соби на завидно ниво и секако базени, барови и огромна тераса која има поглед кон базените. 





Третиот беше малку помал и сериозно симпатичен. Ме освои уште со барот во лобито, каде што имаше пијалоци за кои и никогаш немам слушнато. Прекрасниот двор со базени и водени лудории. 

Вечерта се сместивме во Delphine Begrand. Огромен хотел, едвај се снајдовме како да стигнеме до собите. Со импресивен ресторан, неколку огромни базени, надвор во дворот и внатре во хотелот, бар покрај базенот каде со групата ја поминавме вечерта, виски бар и диско на приземјето. Најмногу впечаток ми остави лулашката над базенот, за која како мало дете се борев да ја добијам.





Третот ден заминавме за Белек. Тука веќе се чувствуваше престижот и луксузот на Турција. Хотелите кој од кој поголем, поимпресивен, со огромни игралишта за голф и тенис. И би Kaya Palazzo. Грандиозен уште при самото пристигање до хотелот, каде ги поминувате овие игралишта за голф. Врвен ентериер, секој детал во хотелот сериозно осмислен да одговара. Ништо не отскокнува, се е во хармонија едно со друго. Бар со отомани и стилски мебел, шанк на кој би седела цела вечер, а дворот на хотелот, грандиозен. Со огромни базени, плажа и пространство во недоглед. Штета ни заврна, па не можевме да го доживееме во полн ек. 





Таман помислив дека го видовме најдоброто, следуваше Regnum Carya, хотелот во кој 2019 година концерт за нивните гости има одржано Џенифер Лопез. Луксузни соби со поглед на импресивниот базен и двор, кој изгледа како да излегол од филм на Тим Бартон. Не однесоа до плажата, ситен песок, огромно пространство, морето прекрасно, барови, ресторани, куќарки со секаква забава за сите. Бидејќи е огромен, моравме да се вратиме со мини колички до рецепција, ама на забавата и немаше крај. Навистина еден од најубавите хотели кои ги имам видено.



И четвртиот ден останавме во Белек. Посетивме уште неколку хотели па заминавме за Land of Legends, најголемиот забавен парк во Анталија. Ама за него, во друга прилика. Двете вечери во Белек спиевме во Granada Luxury. Тука веќе целата група почна да се опушта и излеговме во диско, шизевме до раните утрински часови. Едвај чекавме да ги пробаме базените и спато во хотелот. Тука раце горе за пул бади Војо. А мојот апартман, во делот наречен Малдиви, приказна за себе. Симпатична соба во камен, со стаклен под, сместена над приватниот базен, направен само за овие вили. И најубавото нешто, терасата води директно во базенот. Би можела секој ден да се будам со изгрејсонцето и погледот на базенот и приватната плажа. Од стрвност, се бањав многупати, и наутро и навечер. Поминот- прајслес. 



Претпоследниот ден заминавме за Сиде каде го посетивме античкиот град, па се упативме кон двата хотели од предвидената агенда: Side Royal Palace и Terrace Beach. Тука ја запознавме најсимпатичната девојка, entertainment manager во Side Royal Palace, со таква енергија и харизма која ве плени на прв поглед. Впрочем оваа гостопримливост и топлина ја осетивме низ целиот престој тука во Сиде. Некако ваквите помали хотели, имаат повеќе душа и нивниот менаџерски тим е многу поблизок до гостите, за разлика од оние грандиозните. Многу нормално и логично. Собите на приземјето изгледаа како од бајка, со лулашка насред соба и секоја од нив излегуваше на базенот во дворот. Горди на својата франшиза за кафулето, не почестија со одлично кафе и слатки. 




Во вториот не пречекаа со жива музика. Момче кое свиреше на саксофон, коктели и благи. Па менаџментот не упати на терасата од хотелот каде пред сите гости ја интонираа македонската химна, по што следуваше програма во која аниматорите од хотелот шизеа со нас. Можеби ќе ви звучи смешно, но нам навистина ни направија огромна чест и почит. Ова се моменти кои навистина ги памтите целиот живот.



Последниот ден се упативме кон Аланија каде требаше да имаме прошетка со брод, но поради лошото време беше откажана оваа факултативна екскурзија. Сепак, поминавме неколку часови во центарот на градот и го најдовме најубавото кафуле во Анталија. Сами го печат своето кафе и ги прават сите постапки од кафе. За кафе сладокусци како мене, ова беше џекпот. Искрено ова ми беше јаготката на шлагот во овие неколку денови, заедно со Стојче и Дарко, шетајќи по надалеку познатата чаршија, уживајќи во секоја голтка кафе. И секако, ценкањето во продавниците со genuine fake чанти и чевли од светски познати брендови. 



Враќањето назад ми падна некако тешко. Од 25+ степени се вративме во ладно, зимурливо Скопје, хаотично, сите некаде брзаат, напнати и нурнати во своите телефони. Ќе ми фали гостопримливоста и срдечноста на луѓето, морето и прекрасните зајдисонца. Дружбата со нашата мала симпатична група- Нина, класна за поздрав, најцимер иако не бевме цимерки, Симона, вистинската цимерка, со сите нејзини приказни и прашања, веќе ги спомнав Стојче и Дарко, партнерс ин крајм, Војо, пул бади, моја Надина, со сета нејзина прекрасна енергија, Сандра, со сета нејзина пасија за она што го работиме како блогери, Марија, мојот омилен грамар наци, Ивана со нејзината заразна насмевка и взаемната љубов кон животните, Софи, со нејзината умереност и шарм, Алмедина, со сите хумористични приказни од ТВ, Давор, што и да кажам за него сигурно ќе згрешам, Наталија, со сиот нејзин специфичен само за неа хумор, Фибула кру, нашите најдомаќини и секако Харис со своите приказни за градот и секоја досетка за неговите Ѓоспоџи.



До следната наша средба на класот Анталија 2022, ви благодарам на сите за прекрасно поминатите денови и дружба.

Comments

Popular Posts